https://www.facebook.com/photo.php?fbid=321729393329439&set=pb.100064771413898.-2207520000..&type=3

21.11.2022 Скопје

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, денеска ги повика членките на Алијансата да продолжат да и помагаат на Украина, бидејќи ако и се дозволи на Русија да победи, сите ќе платат висока цена.

Столтенберг на седницата на Парламентарното собрание на Алијансата, што се одржува во Мадрид, истакна дека ако се дозволи Путин да победи, сите ќе мора да платат повисока цена, додавајќи дека авторитарните режими ширум светот ќе научат дека можат да го добијат она што го сакаат со брутална сила.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, посочи дека сојузниците во НАТО мора да бидат подготвени да ја поддржат Украина на долг рок. Воедно, истакна дека е свесен дека оваа поддршка има цена, во сите земји, многу луѓе се соочуваат со криза на трошоците за живот, потенцирајќи дека сметките за енергија и храна секојдневно растат и ова се тешки времиња за многумина.

Столтенберг истакна дека цената што ја плаќаат НАТО-сојузниците се мери во пари, додека Украинците ја плаќаат со крв.

Говорејќи за можноста за проширување на НАТО алијансата, Столтенберг рече дека „дојде време да се финализира процесот на пристапување на Финска и Шведска како полноправни членки на Алијансата”. Воедно, додаде дека зголемувањето на инвестициите во одбраната на членките ќе биде важна тема на самитот во Вилнус следната година.

Столтенберг очекува сојузниците да ги зголемат буџетите за одбрана бидејќи, како што рече, „два проценти од БДП за инвестиции во одбраната треба да се сметаат за долната, а не горната буџетска граница”.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author