https://www.facebook.com/ZdruzenieNaNovinariteNaMakedonija/photos/bc.Abpgph34qiFrNI0Hm7BZdp-POt7ce0CsJTYK6mTtSNTrw5bEzEgRnFrMGX77Ab28vFb6LkhHQkDgVHkquAHxEpbsy4Ob8DDl55eqQcr0NoOBN5-O574w5lLQNVTp2bYgw-ArDc9ab3LsXn-C00vM-2VZzbLgoiybDh0GOsKmgEUMwRTe0s2EQoNzw84mwNLkqTo/4903458183010560/?opaqueCursor=AbrR1UNzMwTxVbZ8TmP0eD50-C5OcoT-p-DpLnoj2okTwFOFIsxcRMZcdM0jJgOFDQ67TlaElLNhr_scotNqSGdhnTQnuPxK8pvifC42OJknriTgS0-fircRBNu33lkveFmnfP3sF1deEO7Kvy-vaILu1hnT1gYaKsYzfQvcjfXlFl79L3zYC-X-33H81o6uDHqm9sj6B8uXpUEC9ySCtV-P_piJGfSXN1RnXfgClXrdFl7oN-fSwTue3-Y8iVTRoWqdqtMydjVJoXQYHxYzfo6ncUmL2xlqIRP6HXBhgbZYx5v-pJFva7QDP4KbvWw9OlXFxTi1wx3tDnwmnA3TuITmMPq63e3_8DujGqphaNpIHhiXuPjrmjU8tUdBT8iruArRa_ZdOm3MjGgwvrX2-gmXXZQxeczoL83znKWCS53caLdYVVHREI_uSbRzeOIIEZUGBXS4_ZSCImb4kdh6VEymwEwg7V9-4_z_tLEAaI-AGFWAmlEQRwO-x7ZZEb53aeF95APB8yXLP3FaLQKxDzU1KBKzJIxd3Eo0upwNTnSJSD8Wum5829hMmBfMdgtdSnMbGpVy-qC9DwqyYh2PctI1X_jHuMyJ9a-OxwmCFcjlZ_I9Mr61f1vJKAcL9B4uYXMyoYZGaMvB3CMYiKClBIteGiJCPCcmCPVVTGeNi2qh7Q

02.11.2022 Скопје

По повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бараат од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на Кривичниот законик, со што ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници.

Во спротивно, ЗНМ И ССНМ истакнаа дека ќе го променат форматот на однесување и по Нова година, тој ќе премине во бојкот.

Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, на денешната прес-конференција пред Собранието истакна дека речиси година и половина чекаат пратениците во Собранието да се одважат и да се соберат за да ги изгласаат измените во Кривичниот законик, наместо да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри. Воедно, додаде дека бараат тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и да бидат изгласани, во спротивно ќе сфатат дека слободата на новинарите, снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание.

Чадиковски додаде дека усвојувањето на овие промени е од јавен интерес, бидејќи безбедноста на новинарите е се уште кршлива. Исто така, информираше дека во 2020 година имало 14 напади врз новинари, од кои осум беа врз новинарки, а само два се решени со судска пресуда. Додека пак, во 2021 година од пет напади, три биле врз новинарки, а во 2022 година до моментов имаат шест напади врз новинари и медиумски работници. Чадиковски потенцираше дека ова е само бројката којашто е пријавена, дел од новинарите не ги пријавуваат нападите, што носи ризик од цензура и автоцензура. Тој, воедно, потсети дека за разлика од политичарите кои добиле правда за случајот 27 април, новинарите се се уште обесправени.

Павле Беловски, претседател на ССНМ, изјави дека денес се навршуваат точно пет години од почетокот на иницијативата за измени на Кривичниот законик, со кој новинарите и медиумските работници би добиле поголема заштита, односно нападите врз нив би се третирале по службена должност од страна на Обвинителството и државните институции.

Беловски истакна дека денес навршуваат 17 месеци откако во Владата, односно Министерството за правда ги испрати овие измени во Собранието за нивно усвојување, но резултат нема. Воедно, потенцираше дека нападите, без разлика во каква форма се, се уште се бројат и пријавуваат, и се без резултат на крајот, што најмногу ги загрижува. Беловски ги повика пратениците итно да направат се што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на Кривичниот законик.

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Беловски информираше дека ССНМ и ЗНМ се приклучуваат кон глобалната иницијатива на Меѓународната федерација на новинари и ја повикаа македонската Влада да го подржи усвојувањето на Конвенцијата на Обединетите Нации за безбедност и независност на новинарите и другите медиумски професионалци.

Чадиковски информираше дека освен тој закон, уште еден предлог закон за новинарските права и слободи чека да биде усвоен – Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда каде што според усвоениот текст на Предлог законот, како што посочи, казните за новинарите за клевета и навреда се намалуваат петкратно од претходните суми.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author