22.11.2022 Скопје
По неуспешните преговори во Брисел, Косово сепак го одложи спроведувањето на одлуката за казнување на оние кои не ги пререгистрираа возилата од српски на косовски таблички за следните 48 часа.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше со претставниците на Србите од Косово од кои побара да се зачува мирот и стабилноста, а претседателот на Српската листа Горан Ракиќ изјави дека Србите веќе не можат да го толерираат теророт на Приштина и најави протести во сите институции.
Ракиќ на прес-конференција изјави дека Приштина е одговорна за тоа што не е постигнат договор во Брисел, и сите оние кои повикуваат на воздржаност, се уверија која преговарачка страна е деструктивна.
Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека само мирот и стабилноста можат да донесат просперитет на целиот Балкан, и на средбата во Брисел со претставниците на Приштина, Србија покажала колку е посветена на зачувување на мирот во регионот.
Амбасадорот Хил оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ на која истакна дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува ЕУ во нејзините напори за постигнување на решение на Косово и го охрабри Вучиќ да продолжи со конструктивниот ангажман во бриселскиот процес.
Подготвено од М.Н.