https://www.facebook.com/photo/?fbid=430339809276552&set=pcb.430340052609861

01.11.2022 Скопје

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред амбасадорите од земјите-членки на ЕУ истакна дека безбедносната состојба на државните граници во моментов е генерално поволна.

Како главни предизвици, Спасовски ги издвои илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но не се регистрирани посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.

Министерот Спасовски соопшти дека во првите десет месеци спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на граници или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период минатата година. Најголем дел од обидите за илегални преминувања се спречени на јужната граница со Република Грција, односно 20.858 обиди. На оваа граница е забележан пораст за речиси 30 отсто во однос на истиот период минатата година.

Според Спасовски, досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно, може успешно заеднички да се решат предизвиците.

Со потпишувањето на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во земјава, Спасовски истакна дека се воспоставени одржливи, трајни решенија за справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Воедно, додаде дека имплементацијата на овој Договор ќе придонесе за посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните на Република Северна Македонија, како и за ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијалните идни закани, а со тоа и за справување со сериозниот криминал со прекугранична димензија.

Во однос на нелегалната миграција, Спасовски ги издвои миграциските движења на „Западнобалканската рута“, како и влијанието на руската агресија врз Украина, при што информираше за аналитичките согледувања на ФРОНТЕКС кои укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија.

Спасовски, воедно, информираше и дека активностите кои се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарење мигранти резултираа со откриени 89 случаи на криумчарење на 1 328 мигранти.

Во однос на одржувањето стабилна безбедносна состојба на границите со соседните земји, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, министерот Спасовски потенцираше дека е продолжено времетраењето на Одлуката за прогласување кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.

Како еден од главните предуслови за ефикасно управување со границите и со миграциите, министерот Спасовски ја истакна ефикасната меѓународна соработка, а како главни приоритети ги издвои одржувањето и продлабочувањето и меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex – EBCGA, Europol, EASO) и на УН (IOM, UNHCR), како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF, итн.).

Осврнувајќи се на реформите во МВР, Спасовски истакна дека изминатиот период два реформски процеса, следењето на комуникациите и реформата на разузнавачките служби, го одбележаа дејствувањето на Министерството.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author