https://www.facebook.com/photo.php?fbid=874274816770148&set=pb.100025629122040.-2207520000.&type=3

06.11.2022 Скопје

Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека во Софија, денеска и утре, ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива, со кој Бугарија претседава годинава.

Република Северна Македонија на состанокот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Специјални гости на официјалната средба во Софија се генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Матијас Корман, како и претставници на Светската здравствена организација (СЗО), Организацијата за црноморска економска соработка, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Јадранско-јонската иницијатива.

Вечер во Националниот историски музеј, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков ќе приреди гала вечера за лидерите на делегациите на земјите од иницијативата и специјални гости.

Во државната резиденција „Бојана“, утре официјално ќе започне средбата на министрите за надворешни работи на ЦЕИ, во чии рамки во Гранд хотел „Милениум” ќе биде отворен економско-бизнис форум.

Приоритетите на бугарското претседателство се економско и социјално закрепнување од пандемијата и од последиците од војната против Украина, подобрување на транспортната поврзаност, младите и развојот на локалната димензија на ЦЕИ.

ЦЕИ е една од најстарите иницијативи за регионална соработка во Европа, формирана е на 11 ноември 1989 година, по падот на комунизмот и Берлинскиот ѕид. Во неа членуваат 16 земји – девет од Европската унија – Италија, Унгарија, Словенија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија и Хрватска, пет од Западен Балкан – Република Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, и две од Источното партнерство – Украина и Молдавија. Правата на Белорусија како учесник во ЦЕИ се суспендирани.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author