07.11.2022 Скопје
Во услови кога над три илјади луѓе годишно умираат од загаден воздух, топланите Исток и Запад во Скопје ќе се тестираат да работат на дизел, а бидејќи на топланите, кои се наоѓаат во густо населено градско подрачје, нема поставено филтри за дизел и мазут, тоа значи дека скопјани ќе дишат многу позагаден воздух.
Според иницијативата „Зелен хуман град“, сето тоа е резултат на неспособноста на власта навреме да обезбеди доволни количини на гас.
Од иницијативата „Зелен хуман град“ сметаат дека само со мали измени во Законот за енергетика и Правилникот за обновливи извори на енергија може да се обезбедат големи заштеди и зелена енергија за граѓаните, доколку се дозволи домаќинствата да поставуваат фотоволтаици од 15 kw, правните лица да поставуваат ФВ од 120 kw и вишокот на енергија да им се откупува по фер цена како на индустриските производители, а не да добиваат незначителен надомест. Покрај ова треба да се дозволи на покривите на зградите за колективно домување да може да се поставуваат фотоволтаици колку што дозволува кровната површина и електричната енергија да ја користат станарите, а не само да биде дозволена енергија за заедничките простории и тоа вкупна инсталирана моќност од 6 kw колку што е моментално дозволено за само едно домаќинство.
Иницијативата „Зелен хуман град“ потсетува дека во последниот извештај на Обединетите нации научниците потврдуваат дека на крајот на овој век нè очекува катастрофална загуба на човечки животи ако не преземеме радикални чекори за трансформација на економиите и општествата во целост.
Од Центарот за истражување и информирање во животна средина Еко-свест истакнаа дека топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, немаат ни еколошка дозвола која што овозможува такво нешто, а сега нè чека ситуација каде што 20 дена ќе се користи дизел за загревање на Скопје. Тие апелираат дека здравјето на граѓаните нема цена, а кризната состојба не е причина да се носат ад-хок решенија, посебно кога во моментот цената на гасот паѓа, а го има како енергенс. Исто така, потенцираа дека веќе постојат технолошко и финансиски лесно достапни алтернативи за загревање на домаќинствата што користат обновливи извори на енергија, истакнувајќи дека инвестициите мора да се пренасочат во овие технологии за да се добие истиот ефект, но без загадувањето на воздухот. Дополнително, на овој начин ќе се избегнат последиците од енергетската криза на долг рок наместо да остануваме зависни од увоз на скапи и високо загадувачки горива.
Подготвено од А.Ѓ.