https://www.facebook.com/photo.php?fbid=516925760129814&set=pb.100054371836624.-2207520000.&type=3

25.11.2022 Скопје

Приватните превозници веќе петти ден не сообраќаат поради неисплатениот долг на Јавното сообраќајно претпријатие кон нив, а денеска ќе одржат и мирен протест пред централата на ЈСП, а потоа ќе остварат средба со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за изнаоѓање на решение за проблемите со кои се соочуваат.

Пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.

Откако приватните превозници соопштија дека нема да сообраќаат, одржаа и средба со претставници на Град Скопје. Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, изјави дека иако состанокот бил напорен и траел долго за жал се немаа договорено за нешто конкретно и заклучокот бил дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот се уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет.

Јовановски истакна дека се во ситуација каде што приватните превозници не можат да обезбедат средства за да ги покренат автобусите и дека со тој проблем се опфатени сите линии. Воедно, додаде дека не добиле одговор на прашањето зошто е прекината исплатата на средствата што се слеваат во ЈСП по основ на извршен превоз, редовен превоз на патници и превозот од учениците, и зошто тие средства што се уплаќаат во ЈСП веројатно се користат исклучиво за потребите на самото претпријатие и зошто не се прават напори за дел од тие средства да завршат кај нив.

Од Град Скопје, како што посочи Јовановски, се повикаат на договорот којшто го имаат склучено, дека имаат обврска да го извршувааат превозот и доколку имаат некои побарувања тоа да го направат во правна процедура и со евентуални тужби.

Само по еден ден откако престанаа да сообраќаат приватните превозници, Јовановски информираше дека Град Скопје извршил инспекциски надзор во „Собода превоз“, нешто што, според него, никогаш не се случило досега и што го чувствуваат како притисок. Воедно, додаде дека доколку им се дадат финансиски средства за гориво, јавниот превоз би бил пуштен во функција веднаш, додавајќи дека се свесни за кризната состојба и затоа не бараат целосна исплата, туку тековни средства за да можат превозниците да возат.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author