28.11.2022 Скопје

Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз денеска од 7:00 часот со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка”, односно булеварот „Гоце Делчев” и булеварот „Крсте Петков Мисирков”.

Поради најавениот протест, СВР Скопје од 7 часот наутро ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на двата булевара и околните улици, а од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Претседателот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз”, Ленин Јовановски, изјави дека времетраењето на протестот не е утврдено бидејќи се планира да трае до исполнување на нивните барањата.

Во рамките на активностите за решавање на актуелниот проблем денеска „Слобода превоз” треба да оствари средба со УО на ЈСП, а исто така претставници на приватните превозници ќе присуствуваат на седницата на Советот на Град Скопје, и најавија доколку не се изнајде соодветно решение за решавање на нивните барања блокадите ќе се прошират и на другите сообраќајници низ главниот град.

Минатата недела приватните превозници исто така се исклучија од сообраќај поради неисплатениот долг од Јавното сообраќајно претпријатие кон нив. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска ги обвини приватните превозници дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец, но ваквите обвинувања беа демантирани од приватните превозници и порачаа дека воопшто не биле вклучени во наплатата на билети.

Подготвено од М.Н.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *