23.11.2022 Скопје
Се ближи крајот на ноември, а граѓаните што се греат на парно сѐ уште не ги добиле сметките за октомври, поради што се загрижени дека подоцна ќе треба да платат неколку фактури наеднаш, што претставува големо оптоварување на домашниот буџет.
Од ЕСМ Снабдување тврдат дека сметките ќе стигнат со задоцнување, но само овој месец, додека се воспостави системот, а потоа ќе се испраќаат редовно.
На социјалните мрежи, граѓаните споделуваат индивидуални сознанија кои ги добиле од остварени повици во ЕСМ, од каде добивале информации само дека сметките ќе задоцнат, но не и дали во нив и понатаму ќе бидат пресметани и субвенциите што ги дава државата.
Скопјани исто така се заинтересирани и околу начините на плаќање на фактурите, особено што БЕГ им нудеше можност со регистрација на секој потрошувач на нивната веб-страница да ги плаќаат онлајн фактурите и воедно да имаат увид во сите претходно платени сметки.
Од ЕСМ Снабдување соопштија дека во врска со начините на плаќање на фактурите јавноста дополнително ќе биде известена за сите детали, и напоменаа дека интензивно се подготвуваат за потрошувачите да ги имаат сите можности што ги имале кај претходниот снабдувач, како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAY услугата.
Подготвено од М.Н.