09.11.2022 Скопје
Република Северна Македонија со внимание ја следи ситуацијата во северот на Косово, чие натамошно влошување може да претставува сериозен предизвик врз стабилноста на регионот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека како непосредни соседи на двете земји, упатува апел за воздржување од активности кои можат да доведат до ескалација на состојбите, враќање во институциите на системот, и активно и неодложно продолжување со дијалогот.
Според министерот Османи, изнаоѓањето на трајно решение кое ќе обезбеди меѓусебно признавање и европска иднина за двете земји претставува единствениот начин за долготрајно нормализирање на односите, кое е од интерес не само на двете страни, туку и на целиот регион.
За ситуацијата во северот на Косово, се огласи и Советот на амбасадори и порачуваат дека лидерите на Србија и Косова треба тесно да соработуваат со меѓународната заедница, со Европската Унија и со САД за да се смират тензиите и претставниците на Србите да се вратат на работните места во државните институции, а косовските лидери да ги почитуваат насоките на европските лидери и на САД за продолжување на рокот за примена на одлуките за замена на табличките.
Подготвено од А.Ѓ.