04.11.2022 Скопје
Денеска, германскиот канцелар Олаф Шолц и делегација на деловни лидери пристигнаа во Пекинг, со што ја започнаа првата посета на лидер на една од Г7 на Кина во изминатите три години.
Шолц и целата делегација беа тестирани за Ковид-19 при слетувањето, а кинескиот медицински персонал во заштитни одела влегол во авионот за да ги изврши тестовите.
Строгата кинеска политика на нулта толеранција за коронавирусот и растечките тензии со Западот им оневозможи на лидерите на големите западни сили да ја посетат Кина, додека кинескиот претседател Си Џинпинг сега ги продолжи патувањата во странство.
Посетата на Шолц најверојатно ќе биде добредојдена за развој на кинеското раководство, кое ќе се обиде да ги зајакне односите со надворешниот свет по завршувањето на 20-от партиски конгрес, каде што Си го зацврсти својот статус во владејачката Комунистичка партија.
Ши Јинхонг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ренмин во Пекинг, истакна дека на Кина, во сегашното домашно и меѓународно опкружување, и е потребна неговата посета и сето она што двете страни заеднички би го изјавиле во Пекинг, особено недолго по партискиот конгрес.
Според аналитичарите, во услови на историска инфлација и претстојната рецесија во Германија, Шолц ќе се обиде да ја нагласи потребата од континуирана соработка со Кина.
Германскиот канцелар Шолц ќе се сретне со Си и со премиерот во заминување Ли Кечијанг и се очекува да ги покрене контроверзните прашања како што се човековите права, Тајван и тешкотиите со кои се соочуваат германските компании при пристапот до кинескиот пазар.
Подготвено од А.Ѓ.