https://www.facebook.com/photo.php?fbid=561096726019747&set=pb.100063582736486.-2207520000.&type=3

04.11.2022 Скопје

Вчера, германскиот канцелар Олаф Шолц ги пречека лидерите од Западен Балкан и лидерите на дел од земјите на Европската Унија на Самитот на Берлинскиот процес и порача дека Европа е целосна само со земјите од Западен Балкан и тие се дел од слободниот и демократски дел на Европа, потенцирајќи дека благосостојбата и безбедноста на овие земји не може да се гледаат одвоено од остатокот на Европа.

Германскиот канцелар Шолц истакна дека нивна задача е да го исполнат ветувањето за влез на Западен Балкан во ЕУ.

На Самитот на Берлинскиот процес се присутни премиерите на Република Северна Македонија – Димитар Ковачевски, на Србија – Ана Брнабиќ, на Албанија – Еди Рама, на Босна и Херцеговина – Зоран Тегетлија, на Република Косово – Албин Курти и на Црна Гора – Дритан Абазовиќ.

Германскиот канцелар Шолц, споменувајќи ја ситуацијата во Украина, ги повика земјите од регионот да ги надминат меѓусебните судири и недоразбирања и сите заедно „сложни да ја одбранат слободата во Европа“. Истовремено, Шолц го пофали напредокот во меѓусебната соработка на западнобалканските земји за што потврда се и потпишаните договори за меѓусебно признавање на личните карти и факултетските и дипломите за стручно образование.

Со договорот за признавање на личните карти се олеснуваат патувања со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој со лична карта, а истовремено се обезбедува еднакво постапување кон сите граѓани во регионот и се укинуваат сите постојни визи на Балканот.

Договорот за признавање на универзитетските дипломи ги утврдува заедничките правила и постапки за признавање на високошколските квалификации, овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, периодот за носење одлука за признавање на дипломите се намалува на најмногу 14 дена, а за студентите се укинуваат актуелните надоместоци за поднесување барање за признавање на високообразовните квалификации.

Третиот договор за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува пружање услуги од лекарите, стоматолозите и од архитектите на Западен Балкан. Овој документ е основа за преговори за останатите четири професии – бабици, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи.

По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската Влада на 21 октомври, како дел од Берлинскиот процес.

Како обврска што стои пред земјите од Западен Балкан, во Берлин, беше спомената нерегулираната миграција и потребата од усогласување на визниот режим на земјите од регионот со оној на Европската Унија.

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија која пред една недела беше во посета на земјите од Западен Балкан, се огласи со порака дека се во Берлин за да ја продлабочат економската соработка, почнувајќи од енергетиката. Воедно, на Твитер напиша дека европскиот пакет од една милијарда евра помош за Западен Балкан ќе помогне да се обликува заедничката енергетска иднина.

Премиерот Ковачевски, кој на Самитот учествува заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, на првата сесија посочи дека се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години.

Според Ковачевски, на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, им претстои сериозна работа, затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.

Ковачевски, воедно, посочи дека Република Северна Македонија веќе ги почна преговорите со ЕУ со заштитени идентитетски позиции, во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата, но и дека ЕУ не е целосна без земјите на Западен Балкан, па треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат кон приближување на регионот до ЕУ.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива за соработка поврзана со идното проширување на Европската Унија, чија цел е да се ревитализираат врските меѓу Западен Балкан и ЕУ, како и да се подобри регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан во областа на инфраструктурата и економскиот развој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author