22.11.2022 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, оствари средба со новата амбасадорка на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаин, при што и посака успешна мисија, но и изрази задоволство за одличната досегашна билатерална соработка помеѓу двете земји, како и за засилените политички и пријателски врски.
Премиерот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија е фокусирана на просперитет, а тоа може да се постигне само со добрососедски односи и европска иднина, и на состанокот беше ставен акцент на продолжување и унапредување на соработката помеѓу двете земји, посебно во време на шведското претседавање со Европската Унија следната година и очекувањата да добиеме силна поддршка од Кралството Шведска во евроинтеграциските процеси.
На состанокот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија како членка на НАТО Алијансата го поддржува пристапувањето на Шведска во НАТО.
Амбасадорката Ларсон Јаин на состанокот изрази честитки за отпочнатите преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и посочи дека земјата има подготвени тимови кои го водат скрининг процесот.
Подготвено од М.Н.