08.11.2022 Скопје
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави сеизмички истражувања за наоѓалиштата на природен гас во Грција, поточно југозападно од Пелопонез и Крит.
Мицотакис истакна дека Грција, без оглед на нејзината посветеност на брзата зелена транзиција, мора да истражи дали во моментов има можност да извлекува природен гас, што ќе придонесе не само за грчката безбедност, туку и за енергетската безбедност на Европа. Воедно, истакна дека овие истраги ќе ги иницира американската компанија „ExxonMobil”.
Денеска, Националната компанија за управување со јаглеводороди и енергетски ресурси (ЕДЕИЕП) ги објави следните чекори во програмата за истражување на полињата на природен гас во земјата, со реализација на 3Д геофизички истражувања во северниот дел на Јонското море и 2Д геофизички истражувања во концесиите западно и југозападно од Крит.
Во соопштението истакнаа дека геофизичките истражувања ќе се вршат во претстојните зимски месеци со цел да се минимизира секое влијание врз животната средина и во согласност со меѓународните стандарди за заштита на животната средина.
Подготвено од А.Ѓ.