14.11.2022 Скопје
Во иднина нема да се плаќа посебна влезница од 50 денари за влез во Дино парк, туку со купен билет за Зоолошка градина ќе може да се посети и делот со диносауруси. За таа цел ќе се зголеми и цената за влез во Градината, па наместо 80 денари, влезницата ќе изнесува 100 денари.
Според предложената одлука што денеска ќе се најде на седницата на Советот на Град Скопје, влезницата за Бејби ЗОО наместо 20 денари, ќе изнесува 30 денари, а се зголемува и цената на билетот за организирани групни посети за децата од градинките од 40 на 50 денари. Исто така, поскапо ќе биде и возењето на ЗОО возот, каде наместо 50 ќе се плаќа 60 денари, освен за дечињата на возраст до една година, за кои ќе биде бесплатно.
Во предлогот се утврдува и предлага и нова услуга, групна посета од минимум 20 посетители, кои можат да ја посетат Зоолошката градина и Дино паркот по цена за билет од 70 денари по лице.
Одлуката, која е донесена од Управниот одбор на Зоолошка градина и за која треба да се изјаснат советниците, како што се вели во образложението, е поради економската и енергетската криза која се одрази на цените на храната за животните и на останатите производи и комунални давачки.
Подготвено од А.Ѓ.