26.11.2022 Скопје
Наместо сегашните осум години државјанство ќе може да се стекне веќе по пет години легален престој, а во случај на многу успешна интеграција веќе и по три години, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер.
Под многу успешна интеграција се подразбира брзо учење на германскиот јазик и добра вклопеност во работниот или образовниот систем на земјата.
Нацрт законот е готов, и испратен е до надлежните министерства на проверка, соопшти министерството за внатрешни работи и во истото соопштение се наведува дека деталите од законот веќе се договорени меѓу партиите на владејачката коалиција.
Според предложениот закон децата родени во Германија автоматски би стекнале право на државјанство ако еден од родителите најмалку пет години легално престојува во Германија.
Кај лицата постари од 67 години во иднина како услов за стекнување државјанство ќе бидат снижени јазичните критериуми и ќе биде доволно поднесувачот на барањето да може усно да се разбере. Со оваа олеснителна постапка за стекнување државјанство сакаме да им излеземе во пресрет на генерациите кои додадоа значаен придонес во развојот на нашата држава, изјави германската министерка.
Министерката Фесер најави дека би требало да биде овозможено и полесно стекнување двојно државјанство, кое во моментов во Германија е забрането, и додаде дека немањето можност за задржување на старото државјанство при примањето на германското се смета за најголема пречка за засилено внесување на странците, кои веќе подолго време живеат во Германија, во регистарот на германски државјани.
Подготвено од М.Н.