19.11.2022 Скопје
Специјалниот холандски пратеник за миграции, амбасадорот Јост Кларенбек, изјави дека целосното распоредување на силите ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија ќе помогне за заштита на границата од илегална миграција на најдобар можен начин, но исто така ќе го зголеми и трансферот на знаење со останатите европски земји.
Кларенбек во земјава престојуваше на дводневната Министерска конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан во организација на Министерството за внатрешни работи и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Според Кларенбек, со приливот на илегални мигранти, ниту една земја не може да се справи сама, туку е потребна меѓусебна соработка. Воедно, оценува дека независно од тоа дали некоја земја е во ЕУ или не, мора да се соработува со соседите, исто така, мора многу да се направи, тоа е вистината и сите земји во регионот ќе можат да постигнат резултат само ако работат заедно, потенцирајќи дека ниту една држава не може тоа да го направи сама.
Кларенбек смета дека Конференцијата за одржливо управување со миграциите во регионот во Скопје се одржа во вистинско време, со оглед на порастот на бројот на илегални мигранти во последниот период и истата претставуваше добра можност за споделба на искуствата и утврдување на начините на меѓусебно помагање. Исто така, смета дека е потребно сите земји во регионот да преземат целосна одговорност, целосна регионална соработка и зголемување на знаењето и капацитетите на сите земји во регионот, но исто така и на Европската Унија.
Во престојниот период, амбасадорот Кларенбек не очекува зголемување на приливот на мигранти, но подобро е да се очекува нешто и да се засили соработката. Воедно, Кларенбек потенцира дека причините за илегалната миграција се војните, прогоните, климатските промени, социо-економските перспективи, а обично комбинацијата на сите овие фактори ги принудуваат луѓето на преселби и затоа мора да се соработува на меѓународно ниво за да постои сигурност дека ќе се превенираат овие движења.
Амбасадорот Кларенбек од септември 2019 година е специјален пратеник на Холандија за миграции. Негова задача е да работи со владите, меѓународните организации и граѓанското општество за создавање партнерства со земјите на потекло на мигрантите и со државите низ кои тие минуваат, со цел да помогне да се најдат решенија за предизвиците со илегалната миграција.
Подготвено од А.Ѓ.