05.11.2022 Скопје
Денеска политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, под слоганот „Саем на промените што носат иднина“, одржа саем по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците поддржани од партијата, кои победија на последните локални избори.
Претседателот на партијата Христијан Мицкоски изрази задоволство од сработеното на градоначалниците кои како што рече и во услови на економска, политичка и енергетска криза креираат успешни политики.
Христијан Мицкоски, во своето обраќање, истакна дека по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, може да каже дека е задоволен од она што се постигна. Воедно, истакна дека најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина, додавајќи дека и тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку.
Според Мицкоски, партијата има започнато да гради една поинаква слика и покажува со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно, објаснувајќи дека поминале година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Исто така, потенцира дека градоначалниците реализирале проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека градоначалниците успеале да воспостават пракса на решавање на проблемите заедно со граѓаните.
Покрај дискусијата за сработеното во општините и интеракција со градоначалниците, на саемот се водеа и повеќе дискусии за актуелни теми како што се локалниот економски развој, енергетиката и локалните самоуправи, дигитализацијата.
Подготвено од А.Ѓ.