https://www.facebook.com/photo.php?fbid=674427094051021&set=pb.100044512086347.-2207520000.&type=3

19.11.2022 Скопје

Дерек Шоле, специјалниот советник на американскиот државен секретар во Стејт департментот, изјави дека побарал од косовскиот премиер Албин Курти да ја одложат одлуката за регистарските таблички.

Шоле соопшти дека најдобар пат за Приштина е нормализирање на дијалогот со Белград, со одложување на казните за регистарски таблички и враќање на Србите во привремените институции во Приштина.

Специјалниот советник на американскиот државен секретар во Стејт департментот на својот Твитер профил напиша дека треба да ги одложат казните за регистарски таблички и да ја остават отворена вратата за враќање на косовските Срби во институциите и да се фокусираат на нормализирање на дијалогот со Србија, најдобар начин за подобрување на европската и евроатлантската интеграција на Косово.

Истовремено, заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ексобар, синоќа изрази надеж дека Белград и Приштина во наредните денови ќе постигнат договор за намалување на тензиите во северно Косово, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ и нагласи дека САД активно ги поддржуваат овие напори.

Ескобар истакна дека повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и има потенцијал дополнително да ги ескалира тензиите на терен, објаснувајќи дека сите страни мора да преземат чекори за намалување на тензиите и обезбедување мир и стабилност. Воедно, додаде дека акциите и реториката што ја зголемуваат можноста за насилство ги ставаат невините животи и животите на меѓународните мировници на терен на непотребен ризик.

За формирањето на Заедницата на српски општини, Ескобар изјави дека Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи дека е потребно да се формира Заедницата на српски општини, со што формирањето е обврзувачко и е законска обврска за Косово.

Во пресрет на разговорите на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, на покана на ЕУ, пред 21 ноември (понеделник) кога е почетокот на примената на одлуката на косовските власти за казни за сопствениците на возила со српска регистрација, се огласи германската амбасадорка во Србија, Анке Конрад која порача дека „Германија и Франција го поддржуваат процесот инициран со Бриселскиот договор, сметајќи дека е особено важно во оваа ситуација и Белград и Приштина да бидат подготвени за компромис, за да нема ескалација”, додавајќи дека таа не гледа на основ на што постојат сомнежи Берлин да ја поддржува само едната страна или дека повеќе не го сака Бриселскиот договор.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author