nuklearno oruzhje

02.11.2022 Скопје

Американски официјални лица наведуваат дека високи руски воени претставници и генерали на руската армија неодамна разговарале околу тоа кога и како Москва би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина.

Њујорк Тајмс, кој се повикува на тајни документи на американската администрација, пишува дека рускиот претседател Владимир Путин не учествувал во разговорите, кои се воделе во време на се поинтензивната руска нуклеарна реторика и неуспесите на бојното поле.

Фактот што високи руски воени претставници водат разговори на оваа тема ја вознемири администрацијата на Бајден, бидејќи покажува колку се фрустрирани руските генерали од нивните неуспеси на теренот и сугерира дека прикриените закани на Путин за употреба на нуклеарно оружје можеби не се само закани, туку можеби и одредена најава.

Сепак, американските власти досега не виделе докази или евентуални наводи дека Русите распоредуваат нуклеарно оружје или преземаат други тактички мерки за да се подготват за напад.

Вилијам Барнс, директорот на ЦИА, изјави дека „потенцијалниот очај“ на Путин да победи во Украина и неуспесите во војната може да ја наведат Русија да употреби нуклеарно оружје, додека од администрацијата на Бајден засега одбиваат да ги коментираат наводите.

Пентагон проценува дека Русија има залихи на 2.000 тактичко нуклеарно оружје, кое е дизајнирано да се користи на боиштата за да ги совлада конвенционалните сили.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author