Image by Freepik

08.11.2022 Скопје

Република Северна Македонија заостанува во модернизацијата на противпожарните единици во однос на регионот.

Звонко Томески, командант на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, изјави дека Хрватите, Грците и Бугарите уште многу одамна направиле големи вложувања во противпожарните единици, а многу пред нас се и Црногорците и Србите.

Просечната старост на противпожарните возила со кои располага Територијалната противпожарна единица на Град Скопје е околу 30 години, а во возниот парк во функција е и едно возило од 1968 година. Томески истакна дека ова возило, иако е старо, го одржуваат да биде во возна состојба затоа што е единственото за гаснење на пожари од лесно запаливи течности.

Возниот парк на оваа најголема противпожарна единица во земјава е збогатен со две теренски возила од кои едното е набавено преку проект со УНДП, а другото од средствата што се обезбедуваат од осигурување на имоти. Следната година, Томески очекува да ги добијат и трите противпожарни возила за кои јавната набавка е во тек, а има најави и за едно ново противпожарно возило кое ќе биде донирано од Турција.

Минатата година во јуни беше набавено специјално возило со 45-метарска противпожарна скала која овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од 5-тиот кат нагоре.

Заостануваме и во однос на кадровската екипираност на пожарникарските служби. Просечната старост на пожарникарите е сеуште доста висока, а за вработување на нови кадри се чека дозвола од Министерството за финансии.

Во ТППЕ на Град Скопје на почетокот на годината се вработени нови 20-тина пожарникари кои ја поминале потребната обука и сега се вклучени во редовната работа на единицата, но, според Томески, одливот на кадар по основ на пензија е константен поради што е неопходно да се вработуваат нови луѓе.

Идната година во ТТПЕ Скопје се очекува нов одлив на кадар кој ќе замине во пензија.

Во моментот, во Територијалната противпожарна единица на Град Скопје се вработени околу 190 пожарникари, а согласно законските прописи, би требало да има околу 400.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *