01.11.2022 Скопје
Денеска, во Скопје во организација на Дирекцијата за радијациска сигурност се одржа национална вежба за справување со радиолошки и нуклеарни несреќи, со цел да се утврди на кој начин Република Северна Македонија може да проектира какво зрачење од Украина може да дојде тука и какви би биле ефектите од тоа.
Бојан Томиќ, проект менаџерот за имплементација на Проектот за унапредување на заштитата од зрачење во Република Северна Македонија, истакна дека Република Северна Македонија нема потреба да стравува од евентуални ефекти во случај на воени операции во електраната Запорожје во Украина, можно е евентуално да има потреба само од контрола на храната или другите продукти кои доаѓаат од Украина, кои би можеле да бидат контаминирани. Овој проект ќе помогне земјава да биде во можност да го стори тоа доколку е потребно и на тој начин да ги заштити своите граѓаните.
Проект менаџерот за имплементација на Проектот за унапредување на заштитата од зрачење во Република Северна Македонија изјави дека цела Европа стравува ако нешто се случи во Украина, ако дојде до некакви воени операции во Украина, во самата електрана во Запорожје, често се наидува на вести дека може да се случи и Република Северна Македонија да биде на некој начин погодена. Томиќ истакна дека се одржува национална вежба со која може да се провери на кој начин Дирекцијата за заштита од зрачење може да помогне во проектирањето, на тоа како може зрачењето од Украина да стигне во Република Северна Македонија, односно какви ефекти би имало тоа зрачење.
На прашањето за какви ефекти станува збор, колку е тоа опасно и што треба да се знае околу тоа со оглед на тоа дека Данска и Финска купуваат јод, Томиќ одговори дека невозможно е да се случи толкава голема несреќа со оглед на оддалеченоста, која ќе доведе до тоа на Република Северна Македонија да и е потребен јод.
Според Томиќ, може да се јави потреба да се контролира храната која доаѓа од Украина или други продукти кои доаѓаат од оттаму, кои би можеле да бидат контаминирани и овој проект на кој што работат, ќе помогне тоа да се одредува. Појасни дека станува збор за софтверот JRODOS, кој е развиен во Германија и се користи во повеќе европски земји. Додаде дека во земјава има квалификувани лица кои ќе го користат софтверот.
Алија Камбероски, директор на Дирекцијата за радијациска сигурност, информираше дека овој проект изработен од Европската Комисија ги опфаќа сите држави во регионот на Западен Балкан. Воедно, изјави дека се првите што ќе го имплементираат овој проект и со тоа ќе ја покажат спремноста на Република Северна Македонија, на ДРС, ИЈЗ, ЦУК и ДЗС дека можат да се справат со такви непожелни ситуации, кога евентуално би настанале при нуклеарни хаварии.
Камбероски додаде и дека со текот на вежбите ќе има пресметки и ќе се види како тие реакции би се одвивале во текот на одредени временски периоди, од една до две недели, но истакна дека важни се и податоците, кои УХМР ги дава во однос на движењето и температурата на воздухот, како и на ветриштата.
За тоа дали Република Северна Македонија има доволно капацитети, Камбероски изјави дека се работи за стручни лица и дека има недостиг на кадри со голед на фактот дека младата популација се повеќе ја напушта земјава.
Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, изјави дека од аспект на опасност од радијација земјава е безбедна исто колку што се безбедни и останатите европски земји, но информираше дека системот за рано известување е нефункционален. Воедно, објасни дека системот за рано известување, односно тревожење, во овој момент е нефункционален и како ЦУК поднеле иницијатива до европските фондови, до секторот за европски прашања да овозможи започнување на еден процес на реобнова на целиот овој систем, но при каква било опасност од радијација, може со сигурност да тврди дека ќе бидат благовремено известени.
Горан Трајков, советник во Дирекцијата за радијациска сигурност, изјави дека ДРС како регулаторно тело за сигурност во земјава будно ја следи состојбата во нашата држава, како и во соседните земји и во Украина и дека е во постојана комуникација со Институтот за јавно здравје.
Зоран Велкоски, аналитичар во Одделението за радијациска заштита при ИЈЗ, информираше дека согласно Законот за јонизирачко зрачење, ИЈЗ е овластена институција за мониторирање на радиокативноста на територијата на Република Северна Македонија преку автоматските мониторинг станици и преку мерењето на концентрацијата на радионуклеиди во вода, почва, воздух, врнежи и храна.
Инаку, вежбата се одржува во рамки на проект за подготвеност при итни кризни ситуации и справување со истите на западниот Балкански регион („Emergency Preparedness and Response in the Western Balkan Region“) во којшто, покрај нашата држава, се вклучени Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Подготвено од А.Ѓ.