24.11.2022 Скопје
Во рамки на Седмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Барселона ќе присуствува на свечениот чин на пристапување на Северна Македонија во организацијата.
Министерот Османи на покана на министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, јорданскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Ајман Сафади и високиот претставник за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел, ќе присуствува на состанокот на шефови на дипломатиите од 42-те земји членки на Унијата за Медитеранот.
По приемот на земјава во Унијата, Османи ќе учествува во работата на состанокот како претставник на рамноправна членка на организацијата.
Унијата за Медитеранот е формирана на првиот Самит на шефови на држави или влади од евро-медитеранскиот регион, одржан во Париз на 13 јули 2008 година, и таа претставува рамка за уредување на мултилатералните односи помеѓу ЕУ и медитеранските земји кои не се дел од Унијата.
Подготвено од М.Н.