02.11.2022 Скопје
Во Дисанијата, Неготинско, се расчистени и маркирани повеќе планинарски патеки. Дисанијата е област позната по квалитетно грозје и производи од грозје.
Ахмет Муратов, долгогодишен планинар, информираше дека расчистувањето и маркирањето на планинарските патеки го извршија членовите на планинарското друштво „Фри хајкерс” и патеките се наменети за планинари, рекреативци и љубители на природата.
Муратов, кој е и претседател на планинарското друштво „Фри хајкерс“, појасни дека сите патеки почнуваат, завршуваат или поминуваат покрај новоотворениот планинарски дом „Дедо Ило Јанчев“. Една од нив е таканаречената „Патека на виното“ и таа почнува од Долни Дисан, се оди по венецот горе и низ Горни Дисан. Додека пак, друга оди до „Студена вода“, трета води до познатото место „Градот“. Како што објасни Муратов, една од патеките минува низ месноста „Орле, причуена по квалитетно грозје.
Муратов, воедно, нагласи дека се обележани патеки во вкупна должина од околу 25 километри, а уживањето во природата може да се прави со комбинирано движење по неколку патеки, во зависност од желбите и можностите. Некои патеки имаат видик кон Солунска глава со Козјак, Вишешница со врвот Орле, како и на Кожуф планина на југ, а од другата страна на исток се гледаат Серта и Демиркаписката клисура. Исто така, додаде дека дел од патеките се наменети за искусни планинари, но има и такви за рекреација и за почетници.
Муратов потсетува дека планинарскиот дом е опремен за престој на сите љубители на планинарењето и престојот во природа, и упати јавна покана до сите заинтересирани да бидат гости во Дисанијата.
Подготвено од А.Ѓ.