nasilstvo vo uchilishta

30.11.2022 Скопје

По серијата инциденти и случаи на врсничко насилство и насилство врз вработени во училиштата во Србија, просветните работници најавија прекин на наставата на 1 декември, а министерот за образование Бранко Ружиќ најави до 20 декември нови мерки против насилството.

Министерот за образование Ружиќ изјави дека работна група ќе ги собере сите релевантни актери, како што се еминентни експерти во борбата против насилството, психолози и педагози со долгогодишно работно искуство во училишната и клиничката пракса, претставници на ресорното Министерство, образовни синдикати, здруженија на родители. Воедно, додаде дека 20 декември е краен рок за да се утврдат недостатоците и да се предложат промени во досегашната пракса за системот да биде поефикасен.

Ружиќ, исто така, наведе дека „не е најважно да се занимаваме со казните и построгите санкции, туку со превенција на насилството” и додаде дека наставниците ја вршат најблагородната работа, затоа што животот го посветиле на образованието на децата и дека имаат емпатија, одговорност и ентузијазам.

Претседателката на Унијата на синдикатот на просветните работници на Србија (УСПРС), Јасна Јанковиќ, на конференцијата „Стоп за насилството во училиштата” пред Владата во Белград, најави дека на 1 декември во училиштата нема да има настава, бидејќи тоа е форма на отпор кон сето она што се случува во Србија – целосна незаинтересираност за образованието, потенцирајќи дека ова е нивни бунт и отпор.

Јанковиќ предупреди дека мора да се воведе нулта толеранција за насилство, објаснувајќи дека доколку тоа не се случи, од образовните институции нема да остане камен на каменот, ќе ќе почнат општи тепачки меѓу учениците, наставниците и родителите, и повеќе нема да има образование.

Потпретседателот на УСПРС, Звонимир Јовиќ, истакна дека со штрајкот ќе бараат и да им се додели на просветните работници статус на службени лица, затоа што тој статус носи поголема заштита на вработените во училиштата од напади, било на деца, било од родители и старатели.

Само во текот на овој месец имаше информации за серија напади на ученици врз наставниците и врз соученици.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author