02.11.2022 Скопје
Според најавите, Министерството за образование и наука работи на трајно решение, преку вложување во образовната инфраструктура, односно изградба на целосно нов, современ училиштен објект во Визбегово, каде што од следната учебна година основците од оваа населба ќе го продолжат своето образование и повеќе нема да имаат потреба од превоз.
Надминат е проблемот со кој се соочија дел од учениците од Визбегово, кои во недостиг на училиштен објект во местото на живеење, посетуваат настава во други училишта на територијата на општините Бутел и Чаир, а поради прекин на организираниот превоз, изминатите денови се снаоѓаа индивидуално за да стигнат до своите училници.
Министерството за образование и наука соопшти дека проблемот со превозот на учениците е надминат на координативен состанок помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и градоначалниците на општините Бутел и Чаир, Дарко Костовски и Висар Ганиу.
Од Министерството за образование и наука прецизираат дека по конструктивна дискусија и по изнесување низа предлози и сугестии за надминување на ситуацијата, Општина Бутел веќе го финансира организираниот превоз од Визбегово до ООУ „Исмаил Ќемали“, а Општина Чаир ќе продолжи да го финансира организирањето на превозот за учениците од Визбегово до ООУ „7 Марси“ до крајот на учебната година.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука работи на трајно решение, преку вложување во образовната инфраструктура, односно изградба на целосно нов, современ училиштен објект во Визбегово, каде што од следната учебна година основците од оваа населба ќе го продолжат своето образование и повеќе нема да имаат потреба од превоз.
Дарко Костовски, градоначалникот на Општина Бутел, најави дека веќе од следната учебна година Визбегово ќе добие целосно нов, современ училиштен објект каде што учениците ќе продолжат непречено да ја следат наставата.
За проблемот што го имаат учениците од Визбегово, минатата недела, алармираше градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, кој меѓу другото информираше и дека во услови на економско-енергетска криза, Општината веќе не е во можност да го финансира превозот на речиси 500 ученици од други општини што учат во училиштата на територијата на Чаир.
Подготвено од А.Ѓ.