04.11.2022 Скопје
Стотици граѓани што треба навремено да стигнат на работа, на лекар или до училиште, од Волково, Шуто Оризари, ’Ржаничино и од Колонија Идризово, со денови немаат редовен автобуски превоз, откако дел од приватните автобуски превозници престанаа да превезуваат патници.
Автобусите на „Макекспрес“, поради финансиска криза, не превезуваат патници на линиите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 поради долгот што Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“, го има кон нив и е во висина од 30 милиони денари.
И додека жителите од овие населени места во Скопје се надеваа дека Град Скопје и приватните автобуски превозници ќе изнајдат трајно решение за проблемот и автобусите повторно ќе се вратат на улиците за да превезуваат патници, од Град Скопје излегоа со став дека од нивна страна најверојатно ќе се преиспита оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради неправилности. Поради тоа, се става знак прашање кога повторно автобусите на „Макекспрес“ ќе продолжат со превозот на патниците.
Според надлежните од Град Скопје, за разлика од градските автобуси на ЈСП „Скопје“, кај една група приватни превозници се регистрирани низа неправилности и нерегуларности во нивното работење, како и неисполнувањето на услугите за кои наплаќаат од ЈСП.
Од Град Скопје информираат дека се регистрирани неправилности и нерегуларности во супстандардните услови на автобусите, нивната техничка неисправност, саботажа на системот за следење на движењето на нивните автобуси, па сè до неисправност на фискалните уреди и непочитување на утврдениот возен ред.
Во однос на барањето на приватниот автобуски превозник „Макекспрес“ за исплата на сумите за август, септември и октомври, од Градот истакнаа дека имаат право да ја преиспитаат оправданоста на висината на сумата што оваа група приватни превозници ја побаруваат како надоместок за нивните услуги. Воедно, додадоа дека ЈСП „Скопје“ и Град Скопје во неколку наврати имаат укажано на овие пропусти и недостатоци, дури бил даден и рок за да се подобри квалитетот на автобусите и нивната техничка исправност.
Ваквата изјава од градските власти, сопственикот на претпријaтието Милорад Димитријевски ја нарекува „несреќна изјава“, која не соодветствува со реалноста, потенцирајќи дека нивните автобуси имаат потврда за техничка исправност, како и сите други потребни документи поради што имаат добиено и лиценца за работата што ја вршат.
Според Димитријевски, тие како „Макекспрес“ имаат влез во системот само во оној дел каде што се прави распоред за возење и да се следи секое возило кога и дали излегува, сè друго е на Градот, кој има два механизма преку кои во текот на целиот ден се следат возилата и по завршување на работата, ги прогласува трасите дали се регуларни или не. Воедно, објасни дека по завршување на месецот од ЈСП се изготвува месечен извештај, кој го праќа до мониторингот на Град Скопје, кој го проверува, и доколку е во ред, го потпишува.
Димитријевски потенцира дека бараат да имаат средба со градоначалничката за да изнајдат соодветно решение што ќе им одговара и на двете страни, а најмногу на патниците и конечно да се реши овој проблем.
Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ велат дека и ним Град Скопје им должи средства, а достасаниот долг изнесува 39 милиони денари.
Според Ленин Јовановски, првиот човек на „Слобода превоз“, на неделно ниво, од Град Скопје имаат редовна исплата на средства, поради што нивните возила според однапред утврден возен ред превезуваат патници.
Според најавите, денеска ќе протестираат ученици од најмалку десет населени места од општина Сарај, поради недостиг на автобуси со број 56 и 56А.Средношколците од гимназијата „Сарај“ ги повикуваат сите, па и студентите да се приклучат на протестот за да се реши проблемот со јавниот превоз и со недоволно простор за патниците во автобусите што сообраќаат.
Подготвено од А.Ѓ.