11.11.2022 Скопје
Центарот за контрола и превенција на болести наведува дека воспалние на синусите или синусна инфекција се појавува кога течноста се акумулира во синусите исполнети со воздух и носните шуплини, а кога тоа ќе се случи, микробите можат да растат и да се развијат.
Со оглед на тоа што поголемиот дел од воспаленија на синусите се предизвикани од вируси, не треба да се посегнува по антибиотици, бидејќи тие помагаат исклучиво кај бактериски инфекции. Наместо тоа, можеби треба да разговарате со вашиот лекар за начините за природно ублажување на симптомите.
Матичната лекарка Ерика Елсинг-Стивенс истакна дека повеќето синусни инфекции поминуваат сами од себе за седум до 10 дена, а бактериската инфекција се јавува само во 0,5 до 2 отсто од случаите.
Затоа треба да бидете трпеливи и да почекате да поминат симптомите, а доколку инфекцијата не помине во рок од една недела, обратете се кај вашиот лекар.
Д-р Елсинг-Стивенс, исто така, наведува дека е клучно да се се биде хидриран, што значи да пиете многу течности. Препорачува да се пие многу вода за да си ги олесните симптомите.
Центарот за контрола и превенција на болести наведува дека одредени фактори може да ја влошат состојбата, вклучувајќи пушење, алергии и претходни инфекции. Затоа, се советува да избегнувате пушење и изложување на чад, да се вакцинирате против грип и ковид, како и да внимавате на вашите сезонски алергии и да ги земате лековите препорачани од вашиот лекар.
Плакнењето на носот може да ја отстрани слузта што предизвикува непријатност, а исто така ги исфрла микробите што се наоѓаат во синусните шуплини. Можете да користите дестилирана или стерилна вода за физичко плакнење на синусите.
Спрејот за нос може многу да помогне во хидратацијата на сувите синусни премини. Иако не се толку ефикасни како апаратите за плакнење на носот, спрејовите за нос може да помогнат во отворањето на носните премини и да ја олеснат затнатоста.
Д-р Елсинг-Стивенс потенцира дека консумирањето храна или билки со антибактериски својства како лук, ѓумбир и кромид може да биде корисно кога се борите со инфекција. Ѓумбирот е многу корисен, особено кога се соочувате со инфекција на синусите предизвикана од алергија. Исто така, предлага и пиење чај од ѓумбир кој можете сами да го подготвите: додадете неколку парчиња ѓумбир во филџан вода, сето тоа добро провријте го и испијте го кога ќе се излади. Треба да пиете чај од ѓумбир три пати на ден.
Топлата облога може да биде едноставна како загревање крпа со топла вода која потоа ќе ја ставите на синусите, а може да купите и топла облога што може да се загрева.
Инхалацијата или вдишувањето на пареа може многу да ги ублажи симптомите. Еден од наједноставните начини е да наполните тенџере со жешка вода, да ја покриете главата со крпа, да се навалите над тенџерето и да ја вдишувате пареата околу 10 минути. Исто така, туширањето со топла вода може да помогне во ублажување на симптомите.
Доктор Елсинг-Стивенс нагласува дека медот има многу антиоксиданти и антибактериски и антигабични својства. Таа советува да измешате една лажичка мед и една лажичка сок од лимон и да ја пиете оваа комбинација два пати на ден. Меѓутоа, ако сте меѓу оние кои треба да внимаваат на внесот на шеќер, како што се дијабетичарите, тогаш тоа не е најдобрата опција за вас.
На лекар треба да одите ако имате сериозни симптоми, вклучувајќи главоболка или болка во лицето, ако симптомите не се подобрат по 10 дена или ако се влошат, ако имате треска која трае подолго од четири дена и ако сте имале повеќе синусни инфекции во текот на минатата година.
Подготвено од А.Ѓ.