https://www.facebook.com/photo.php?fbid=474024414726979&set=pb.100063582736486.-2207520000..&type=3

03.11.2022 Скопје

Денеска, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски учествува на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес, кој се одржува во Берлин на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во состав на владината делегација ќе бидат вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Кабинетот на Шолц соопшти дека на Самитот во Берлин ќе учествуваат шефовите на владите на шесте земји од регионот на Западен Балкан, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, поранешните домаќини на самитите на Балканскиот процес, како и претставници на членки на ЕУ од регионот и регионални и меѓународни организации.

На Самитот е предвидено да се одржат неколку сесии на кои премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.

За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите по медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти меѓу земјите во регионот.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познањ во 2019 година и Софија во 2020 година.

Целта на Берлинскиот процес е зајакнување и унапредување на соработка помеѓу шесте земји од Западниот Балкан со поддршка на Европската Комисија, во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и слободно движење на луѓе и стоки, со цел да се придонесе за забрзан регионален економски раст и развој на регионот и негова интеграција во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, како основа на одржливиот развој на регионот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author