07.11.2022 Скопје
Денеска, пратениците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа ги вратија мандатите во Собранието на Косово, откако во саботата партијата ги повика Србите да ги напуштат косовските институции.
Во соопштението на собраниската служба се наведува дека десет пратеници на Собранието на Република Косово од парламентарниот субјект Српска листа поднесоа неотповикливи оставки.
Српска листа одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради најавите од косовската Влада дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, порача дека Србите ќе останат надвор од институциите сé додека не се повлече одлуката за табличките и не се формира заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.
Подготвено од А.Ѓ.