23.11.2022 Скопје
Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, порача дека прашањето за регистарските таблички во Косово треба да се одложи за една година и да се посвети внимание на решавање на клучните прашања.
Амбасадорот Хил, воедно, побарал од српскиот претседател Александар Вучиќ да продолжи со „конструктивното ангажирање“ во процесот на дијалогот со Приштина, порачувајќи дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Европската Унија во барањето решенија за ситуацијата на Косово.
За Србите на Косово, Хил истакна дека тие треба да имаат перспектива како ќе изгледа нивниот живот и како ќе го живеат.
Вчера во Брисел пропадна обидот на ЕУ да посредува во договор на двете страни за спорот со регистарските таблички, а Брисел предупреди на „ескалација на насилството“ ако се спроведе косовскиот план.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој претседаваше со преговорите, го обвини главно косовскиот премиер Албин Курти за отфрлање на предлогот на ЕУ како да се реши проблемот со табличките издадени во Србија.
Американскиот амбасадор се сретнал денес со Вучиќ, откако Стејт департментот и неговиот колега во Приштина побарале од косовската влада одложување на казнувањето на Србите, а Курти одобри одложување на рокот за 48 часа.
Откако присуствуваше на примопредавањето на новата биотехнолошла опрема на Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство во Белград, Хил додаде дека треба да се смири ситуацијата во Косово за да се создадат услови за изградба на биотехнолошки центар и развој и таму.
Американскиот амбасадор Хил разговорот со Вучиќ го оцени како многу добар кажувајќи дека тема бил бриселскиот процес. Особено истакна дека САД и ЕУ дејствуваат усогласено во врска со Косово и најави продолжување на активностите на ЕУ за наоѓање решение.
Истакна дека САД се уверени дека е можно да се најде решение кога процесот го водат лица од дипломатски ранг како Борел и специјалниот претставник на Брисел, Мирослав Лајчак, но додаде дека 38 часа се прекраток рок за напредок во потрагата по решение.
Вчерашниот состанок во Брисел, Хил не го гледа како „неуспех на договорот“, туку како причина за дополнителни разговори и враќање на конструктивниот дијалог. Воедно, порача дека за тоа да се случи, треба да се биде флексибилен и ангажиран за темите кои ги нудат европските преговарачи.
Спорот околу регистарските таблички веќе две години разгорува тензии меѓу Белград и Приштина, чија независност Србија не ја признава, додека меѓународната заедница форсирајќи дијалог меѓу двете страни се обидува да изнуди „правно обврзувачки договор“ прифатлив за двете страни, а Приштина инсистира тоа да биде заемно признавање.
Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека Србија, а пред се нејзиниот претседател Александар Вучиќ, постапила одговорно на последните преговори со Косово бидејќи пристапот бил „да не стануваме од преговарачката маса дури и кога не ни се допаѓа нешто што е на неа“.
Подготвено од А.Ѓ.