16.11.2022 Скопје
Следната година, познатиот германски моден бренд на женска облека Гери Вебер ќе воведе четиридневна работна недела во своите продавници во Германија.
Четиридневна работна недела е модел на работно време според кој вработените се на работа четири дена во неделата, наместо пет.
Според шефицата на компанијата, Анџелика Шиндлер-Обенхаус, вработените во иднина ќе можат да избираат дали да го распределат своето неделно работно време на четири или пет дена во неделата.
Од компанијата истакнуваат дека единствен услов е координација со менаџерот, бидејќи продавниците треба да продолжат со работа од понеделник до петок, а понудата се однесува за вработени со полно и со скратено работно време.
Модната куќа Гери Вебер повеќе од десет години го има мотото „Работи кога сакаш“, додека пак, со почетокот на пандемијата на Ковид-19 додадено е и „Работи каде сакаш“.
Исто така, и други компании во Германија и во странство експериментираат со алтернативни модели на работно време, како што е четиридневната недела.
Гери Вебер е германски моден производител и трговец со седиште во Хале, Северна Рајна-Вестфалија. Бизнисот, кој е основан во 1973 година како Hatex KG од Удо Хардиек и Герхард Вебер, е првенствено познат по своите колекции за жени.
Подготвено од А.Ѓ.