29.11.2022 Скопје
Денеска, претседателот на Стево Пендаровски со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски информираат дека во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, одржан е и пленарен состанок на официјалните делегации на Република Северна Македонија и Германија.
Претседателот Пендаровски, на заедничката прес-конференција, истакна дека Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион.
На средбата, како што соопшти претседателот Пендаровски, со неговиот германски колега разговарале за билатералните односи, партнерството во НАТО, македонските евроинтеграции, меѓусебните економски врски, културно-образовната соработка, но и за прашањата што се однесуваат на пошироката европска стабилност и безбедност.
Пендаровски, воедно, ја истакна целосната посветеност на Република Северна Македонија во првите фази од преговорите со Европската Унија, затоа што членството во Унијата останува долгорочна стратешка определба на нашата држава. Исто така, на средбата е разговарано и за безбедносната состојба во Европа и различните предизвици на тој план, во контекст на војната во Украина.
Во делот на економијата, претседателот Пендаровски истакна дека Германија останува наш најзначаен економски партнер, кој со години наназад е на првото место на листата, со трговска размена од повеќе од 4 милијарди евра на годишно ниво, потенцирајќи дека германското економско портфолио во Република Северна Македонија е импресивно, со околу 200 фирми со германски капитал, во кои работат над 15.000 луѓе.
Подготвено од А.Ѓ.