16.11.2022 Скопје
Претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето по повод 20-годишнината од основањето на Државната комисија за спречување на корупцијата, порача дека корупцијата е најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа, и најголема пречка за демократскиот развој на државата.
Според Пендаровски, ниската доверба во македонските правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси или дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат вистинските луѓе на вистинските позиции, но кога граѓаните ќе ја изгубат вербата во правдата, тие, всушност, ја губат вербата во својата држава.
Законите кои не важат за сите еднакво, според Пендаровски, генерираат не само правна, туку и социо-економска и политичка нееднаквост.
Пендаровски истакна дека корупцијата ги претвора правата за сите, во привилегии за малкумина, а должностите во право на избор, бидејќи оние кои можат да подмитат добиваат приоритетен пристап до јавните услуги, потенцирајќи дека во секоја коруптивна трансакција на пари и моќ, највисоката цена ја плаќаат сиромашните и ранливите, кои немаат пари за поткуп, ниту моќ за да се оддолжат со услуга, со други зборови, корупцијата го жртвува општото добро за личниот интерес и за интересот на елитите.
За нееднаквоста, Пендаровски смета дека таа од своја страна ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите, а нема поопасна состојба за една држава од чувството на граѓаните дека системот што треба да работи за нив, всушност, работи против нив. Воедно, истакна дека поради низа внатрешни и надворешни фактори, со децении Република Северна Македонија е заглавена во циклуси на раширена корупција, висока нееднаквост и ниска доверба, што меѓусебе само се засилуваат и поради истите сведочиме на сиромаштија, партизација на институциите, голема поларизација во општеството, недоволен економски раст и масовно иселување на младите. Токму сето ова, како што изјави Пендаровски, зборува дека долго време се потценуваат негативните ефекти од корупцијата, а напорите кои се вложуваат во нејзиното сузбивање се повеќе реторика, а помалку акција и токму затоа денес наместо општество со еднакви шанси за сите, имаме општество во кои некои се поеднакви од другите.
За Антикорупциската комисија, претседателот Пендаровски истакна дека во секој единечен случај, институциите мора да го отстранат и најмалиот сомнеж, ако постои, за злоупотреба на позицијата, за евентуални партиски влијанија или однапред договорени огласи и тендери, а Комисијата мора да добие целосна политичка и институционална поддршка од сите државни органи за да продолжи, без компромиси, да отвора предмети и јавно да бара и да добива, информации за крупни коруптивни случаи.
Подготвено од А.Ѓ.