08.11.2022 Скопје
COP27, состанок на шефови на држави и влади од целиот свет, се одржува во Египет. Состанок на Обединетите нации, на кој се прави обид да се најде решение за се поизразените климатски промени, чии последици веќе ги чувствуваме речиси секојдневно.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на климатскиот состанок предупреди дека светот има две опции, пакт за солидарност за климата или пакт за колективно самоубиство.
Во еден од најжешките и најсушните делови на светот, политичарите, научниците и активистите ќе се обидат да одговорат на прашањето: Како да се спречи глобалното затоплување?.
Пожари во Европа, историски поплави во Пакистан, милион раселени во Сомалија поради суша. Од она што беше ветено пред седум години во Париз, не е многу направено.
Во споредба со прединдустрискиот период, Земјата се загреала за 1,1°C. На добар пат е да се загрее за дури 2,5°C до крајот на векот.
Богатите земји, во 2009 година во Копенхаген, ветија дека ќе издвојуваат 100 милијарди долари годишно за помош на посиромашните и тешко погодените земји, но таа финансиска цел секоја година се одложува.
Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека најголемите загадувачи мора да го платат својот дел и да ја намалат емисијата на штетни гасови.
Претседателите на Кина и Индија, земји кои се високо на листата на најголеми загадувачи во светот, не дојдоа на состанокот.
Генералниот секретар на Обединетите нации истакна дека светот се приближува до точката од која нема враќање што ќе ги направи климатските промени неповратни и дека човештвото ја држи ногата на педалата за гас на автопатот што води кон климатскиот пекол. Воедно, Гутереш потенцира дека светот е соочен со многу кризи, но климатската криза не смее да се турка во втор план, особено што голем дел од актуелните конфликти се поврзани со климатскиот хаос.
Подготвено од А.Ѓ.