https://www.facebook.com/OpstinaAerodrom/photos/pcb.6046985328668853/6046983542002365

15.11.2022 Скопје

Градоначалникот Тимчо Муцунски денеска одржа работна средба во просториите на Општина Аеродром со министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, на која двете страни потпишаа договор за заемна соработка кој предвидува отворање на „Центар за дијаспора“ во Општина Аеродром.

Како што информираат од Општина Аеродром, Центарот за дијаспора ќе има посредничка улога, односно ќе биде линк меѓу граѓаните од дијаспората и Општина Аеродром преку кој тие ќе има пристап до потребните информации. Неговата улога во иднина ќе биде да иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората за реализација на заеднички проекти, да поттикнува т.н. дијаспора туризам, да води евиденција за бројот на дипломирани студенти од локалната дијаспора, да промовираат програми за мобилност на млади, да поттикнува и промовира збратимување на градовите со општини во странство каде што живеат Македонци и др.

Градоначалникот Муцунски, по потпишувањето на договорот, истакна дека македонските граѓани кои живеат во странство се составен и важен дел од Република Северна Македонија и токму поради тоа денешниот настан има големо значење. Воедно, додаде дека имајќи ја предвид важноста на дијаспората, како локална самоуправа имаат обврска да преземат активности со кои ќе се зајакнат конекциите кои тие ги имаат со Република Северна Македонија.

Општина Аеродром е една од првите општини каде се отвора ваква канцеларија и за Муцунски претставува вистинска чест што токму преку нивната општина ќе се градат идните врски со дијаспората, но и ќе се иницираат проекти кои ќе бидат од значење за Македонците од странство, но и за граѓаните на Аеродром. Муцунски истакна и дека преку оваа канцеларија ќе направат и мапирање на граѓаните од општината кои живеат во странство, а кои во иднина можат да дадат придонес за економскиот, културен и научен развој на општината.

Со потпишување на денешниот договор, Општина Аеродром се обврзува да ги обезбеди сите неопходни услови за непречена работа и функционирање на оваа канцеларија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author