10.11.2022 Скопје
Министер за надворешни работи, Бујар Османи, го посети НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана со седиште во Талин, Естонија.
Министерството за надворешни работии соопшти дека на средбата со директорот на Центарот за кооперативна сајбер одбрана, Март Норма, министерот Османи потенцирал дека сајбер безбедноста е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија, која презема низа активности за јакнење на национални капацитети за справување со овој тип предизвици, базирани на националните Стратегии за сајбер безбедност и хибридни закани.
Министерот Османи, воедно, информирал дека Владата континуирано соработува со сите засегнати страни – приватната индустрија, истражувачката и академската заедница и граѓанското општество на подобрување на превенцијата, одговорот и закрепнувањето од нападите на критичната инфраструктура, кои со почетокот на војната во Украина станаа позачестени и поинтензивни.
На денешната средба, како што информираат од Министерството за надворешни работи, Република Северна Македонија како членка на НАТО и дел од регионот на Западен Балкан, кој е изложен на сајбер закани, беше прифатена во НАТО центарот за извонредност за сајбер одбрана и е во процес на полноправно членство. Во рамките на процесот, Република Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура.
НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана е основан во 2008 година, и има статус на Меѓународна воена организација.
Подготвено од А.Ѓ.