https://www.flickr.com/photos/vladacg/50863087702/in/photolist-2kuABVY-2kuA6ay-Jhzf6p-2kuwrko-2kuA5Bj-2kuA6iK-2kuAC29-2ks3W98-2npsCxi-2ks7FQ8-2mQn8bm-2nd2QWY-2nku33G-2npsCvE-2npsCwr-2nptVGK-2npsPjL-2ncWFVc-2m1sXdm-2mQn77x-22ETZwy-2nptVyU-2npveNy-2gXy6YM-2ks3W8w-2npnoAS-2eqYyH5-2ks3W7e-2ks88ti-2ks3W81-2gXzdhB-bBz6Eh-2gXzdoZ-2kuxbX3-2kuALnw-2kuBkmy-2gXzYKW-2gXzYC1-2gXzdxG-2gXySeb-23Ms9gv-2gXzYT1-2gXy6uv-2gXyS6k-2hs191U-26yUShP-2gYhdUY-2gYhdXD-2bCPrw9-23Mtahg

07.11.2022 Скопје

Од денеска, шефот на дипломатијата Бујар Османи престојува во дводневна работна посета на Софија, за време на која ќе има средби со неговиот бугарски колега Николај Милков, со премиерот на Бугарија, Галаб Донев, како и со лидерите на главните партии застапени во новото бугарско Собрание.

Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи ќе се сретне со Бојко Борисов од Граѓани за европско развој на Бугарија (ГЕРБ), Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите (ДПС), Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Христо Иванов од Демократска Бугарија (ДБ) и со Стефан Јанев од Бугарски подем.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека на средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка.

Во рамки на посетата, Османи, заедно со домаќинот Милков ќе учествуваат и на тркалезна маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Република Северна Македонија”.

Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека во главниот град на Бугарија денеска ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на кој земјава ќе ја претставува шефот на дипломатијата Османи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author