08.11.2022 Скопје
Министерството за надворешни работи соопшти дека министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на дводневната посета на Софија, учествуваше на тркалезна маса на тема „Промоција на конструктивниот капитал во Бугарија и Република Северна Македонија“, организирана од Центарот за проучување на демократијата.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во своето обраќање, истакна дека новиот геополитички контекст ја наметна меѓу другото и неопходноста на подигнување на свеста за изворот на директните странски инвестиции, гледано преку призма на стратешките интереси и националната безбедност.
Според Османи, институционализирањето на инструментите за оценување на директните странски инвестиции кои треба да ја заштитат нашата економија и држава, се вклопува со реформската агенда, како особено важен сегмент на членството во ЕУ, но и како дел од Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД. Воедно, истакна дека моделот кој ќе се избере, треба да овозможи тесна соработка со ЕУ, како и нашите соседи, како Бугарија, со која споделуваме заеднички интереси и предизвици.
Во соопштението од Министерството за надворешни работи стои дека на тркалезната маса учествуваа и министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, како и високи претставници на бугарски владини институции на фелата како и невладин сектор од Скопје и Софија.
Подготвено од А.Ѓ.