07.11.2022 Скопје
По повод предавањето на копиите од акредитивните писма, министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со новоименуваната амбасадорка на САД, Анџела Прајс Агелер.
Министерството за надворешни работи соопшти дека министерот Османи изразил уверување дека амбасадорката Агелер со нејзиното искуство ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи и зајакнување на соработката.
Во соопштението се наведува дека во билатерален контекст, соговорниците го поздравиле развојот на севкупните односи, засновани на традиционално пријателство и споделени демократски вредности. Воедно, Османи ги нагласил првичните резултати кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД, како ново поглавје во односите и надградба на стратешкото партнерство, како и посветеноста за дефинирање на идните активности кои имаат за цел понаташно поттикнување на рефомските процеси и демократски развој на државата.
Министерот за надворешни работи Османи се заблагодарил за континуираната американска помош на нашиот евроинтегративен процес, како значаен влог во зачувување на стабилноста и целокупниот регионален напредок.
На средбата, исто така, станало збор и за силното сојузништво меѓу двете земји во рамки на НАТО Алијансата, со посебен акцент на руската воена агресија во Украина, како и за идното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.