22.11.2022 Скопје
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување награди за најдобар наставник и најдобар стручен соработник од општинските основни училишта.
Во објавата на локалната самоуправа стои дека право на учество имаат наставници, од одделенска и од предметна настава, и стручни работници кои се вработени во општинските основни училишта од Општина Аеродром.
Наставникот/стручниот соработник треба да достави Пријава кон коja ги доставува потребните докази наведени во условите и критериумите во Јавниот повик за доделување награди за најдобар наставник (за одделенска и предметна настава) и најдобар стручен соработник од општинските основни училишта од Општина Аеродром за учебната 2021/2022 година. Воедно, треба да достави и Изјава за согласност за користење лични податоци потпишана од наставникот/стручниот соработник.
Рокот за пријавување започнува од 22.11.2022 година и трае 7 (седум) работни дена од денот на објавување на повикот заклучно со 30.11.2022 година (среда).
Од локалната самоуправа информираат дека пријавата и изјавата со потребната документација да се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ бр. 109Б, 1000 Скопје или во архивата на Општината секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот, во затворен плик со назнака „За избор на најдобар наставник/стручен соработник од општинските основни училишта од Општина Аеродром за учебната 2021/2022 година“, со ознака ,,Не отворај“.
Листата на наградените наставници и стручен соработник ќе биде објавена на општинската веб-страница и на огласните табли на општинските основни училишта. На останатите кандидати кои биле пријавени на повикот, Комисијата ќе им ја врати доставената документација.
Образец – Пријава и Изјава за согласност за користење лични податоци може да се подигнат од просториите на општината или да се симнат од официјалната страница на Општината.
Повеќе информации за начинот на аплицирање, условите и критериумите може да се погледнат на следниот линк: www.aerodrom.gov.mk.
Подготвено од А.Ѓ.