27.11.2022 Скопје
Откако потпретседателот на Собранието Борко Стефановиќ од опозиционата ССП на Драган Ѓилас достави предлог резолуција до собраниската Комисија за надворешни работи за усогласување на надворешната политика на Србија со политиката на ЕУ, со која се предлага воведување соодветен пакет санкции против Русија, во Србија прво реагираше рускиот амбасадор, а потоа и лидерот на опозиционата Нова странка, Вук Јеремиќ.
Рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко го праша потпретседателот на српското собрание дали го земал предвид мислењето на мнозинството во Србија кога ја предложил Резолуцијата за санкции кон Русија, додека пак Вук Јеремиќ оцени дека таа претставува кукавичко јајце на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој и се подметнува на опозицијата за да се подели.
Јеремиќ истакна дека не верува во приказните дека ќе се случи „катастрофа од широки размери” ако Србија не воведе санкции кон Русија.
Подготвено од М.Н.