14.11.2022 Скопје
Обединетите нации објавија дека популацијата на луѓе на планетата Земја утре официјално ќе ја надмине границата од 8 милијарди луѓе, а тоа значи дека светската популација се зголемила за повеќе од трипати од 1950 година, кога на планетата имало 2,5 милијарди луѓе.
Светската популација ќе продолжи да расте и во наредните децении, а просечниот животен век ќе се зголеми на 77,2 години до 2050 година.
Од Канцеларијата за популација на Обединетите нации ја објавија и пресметката дека на 15 ноември на Земјата ќе има 8 милијарди луѓе, што е преседан во човековата историја.
Според процените на Канцеларијата на Обединетите нации, порастот на просечниот животен век и поголемиот број луѓе способни да имаат деца ќе придонесе до забрзување на растот популацијата, па се очекува до 2030 година на Земјата да живеат 8,5 милијарди луѓе, а во 2050 година 9,7 милијарди. Од Обединетите нации известуваат дека и по тој период ќе продолжи бројката да расте, но со значително забавена брзина, па во 2080 година на планетава ќе егзистираат 10,4 милијарди луѓе, што според објавената процена е оптимумот на размножувањето на човековата раса.
Во 2021 година просечната стапка на плодност во светот изнесува 2,3 деца по жена, што претставува осетно намалување во споредба со 1950 година. Во 2050 година се очекува просекот да биде намален на 2,1 деца по жена, но, затоа животниот век се очекува да се зголеми од 72,8 просечна возраст, колку што беше во 2019 година, на 77,2 години до 2050 година.
Комбинацијата од намалена плодност и зголемувањето на животниот век ќе предизвикаат промена во старосните групи меѓу луѓето. Бројот на луѓе што го завршиле работниот век драстично ќе се зголеми од сегашните 10 отсто на 16 отсто, што ќе претставува голем удар за пензиските фондови, но и за здравствените системи низ светот. Големи промени се очекуваат и на пазарот на трудот, каде што ќе недостасува работна сила.
Една од битните особености на растот на наталитетот во децениите пред нас е тоа што речиси целокупниот пораст на светското население ќе се должи само на осум земји. Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Танзанија се земјите за кои до 2050 година се очекува најмалку да ја удвојат својата популација. Битен фактор кога се споредуваат регионите во светот е и просечната старост на населението. Во моментов во Европа просечната старост на населението изнесува 41,7 година, а во Супсахарска Африка е 17,6 години, што е историски најголем диспаритет.
Дел од експертите сметаат и дека промената во демографијата на регионите, ќе влијае врз геополитиката. Двете најнаселени земји денес, Кина и Индија, ќе ги сменат позициите на врвот веќе во текот на наредната година. Индија е на сигурен пат да стане земја со најмногу луѓе во светот, а до 2050 година се очекува да има повеќе од 1,7 милијарда жители. Во Кина во моментов живеат 1,4 милијарда луѓе, но спроведувањето на политиката „едно дете“ во големите градови во изминатите 40 години создаде популациска нерамнотежа. Властите во Пекинг пред неколку години ги охрабрија младите двојки да имаат две деца, па дури и по три во семејство, за да има доволно големо работоспособно население што би можело да издвојува средства и за пензионерите. До 2050 година Кина ќе загуби 100 милиони жители, а до крајот на векот во оваа земја популацијата би можела да се спушти на само 800 милиони.
Соединетите Американски Држави ќе останат на трето место и во 2050 година со 375 милиони жители, но речиси ист број на луѓе се очекува тогаш да има и Нигерија.
Населението на Европската Унија се намалува втора година по ред. Според агенцијата Евростат, главна причина за тоа е зголемената смртност предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Во 2021 година ЕУ забележала морталитет од 172.000 луѓе, а годинава вкупната бројка на луѓе ќе биде намалена за 656.000. Во моментов најголем проблем со падот на бројката на населението имаат Италија, Полска и Романија, додека раст на наталитетот е забележан во Франција, Холандија и во Шведска.
Подготвено од А.Ѓ.