28.11.2022 Скопје
Комитетот против тортура на Обединетите нации ја повика Австралија да ја укине мерката за задолжителен притвор за сите илегални мигранти, особено практиката за притворање малолетни лица и деца.
Во документот, кој беше објавен во петокот, Светската организација ја повика Канбера да ја измени легислативата односно да ја подигне возрасната граница за кривична одговорност, која во моментов предвидува кривичен прогон на малолетни лица со наполнети десет години.
Комитетот на ОН изрази загриженост што притворот се уште е задолжителна мерка за сите лица што илегално пристигнуваат на континентот, особено тоа што законот не утврдува максимална должина на времетраењето во имиграциски притвор што резултира со долготрајни лишувања од слобода. Воедно, ја повика Австралија да ја укине целата легислатива што предвидува „задолжителен и временски неопределен притвор на лица што нелегално влегуваат на нејзината територија”, како и да не се притвораат малолетници и семејствата со деца поради нивниот мигрантиски статус.
Истовремено, Светската организација ја критикуваше практиката на австралиските власти, барателите на азил да ги префрла во притворските единици на островот Науру и на Божиќните острови.
Според извештајот на ОН, особено несразмерно имигрантските мерки се спроведуваат врз домородните лица и децата со попреченост.
Од ОН посочуваат дека домородните луѓе во Австралија генерално се значително повеќе изложени на ризик да бидат затворени, така што околу 30 проценти од притворените во земјата се домородните лица иако тие претставуваат само 3,2 проценти од вкупната популација на контитентот.
Подготвено од А.Ѓ.