19.11.2022 Скопје
Истражувањето на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, спроведено во основните и средните училишта во Скопје, покажува дека дури 42,5 проценти од учениците сметаат дека има насилство во нивното училиште, а само една четвртина го пријавуваат.
Како најчести причини за насилство меѓу врсниците во училиштата се докажување на сила, љубомора и проблеми во однесувањето.
По повод 19 Ноември – Светскиот ден за превенција од злоупотреба на деца и млади е направена анкетата во период од септември – октомври оваа година.
Учениците изјавиле дека во своето место на живеење најмногу се чувствуваат небезбедни поради присуството на насилство поради физички изглед и етничка припадност, кучиња скитници и проблематични момчиња во групи.
Како најчест облик на насилство, 25,7 отсто од учениците го препознаваат дека е вербалното насилство, по што следи социјалното насилство (исклучување од група / озборување) со 24,8 проценти. Испитаниците сметаат дека нема разлика меѓу полот во однос на тоа кој е најчесто жртва на насилство – 54 отсто од испитаниците сметаат дека и момчињата и девојчињата се подеднакво жртви на насилство.
Само една четвртина, односно 25,7 проценти од учениците изјавиле дека пријавиле насилство, а 15 отсто дека не сакаат да одговорат што сугерира дека можеби биле сведоци на насилство, но не се чувствуваат удобно да разговараат за тоа или да го пријават.
Само 33,6 отсто од учениците сметаат дека одговорните служби во своето училиште реагираат соодветно и навремено на случаите на насилство. Голем дел изјавиле дека не се запознаени како реагираат службите (27,4 проценти) или дека службите не реагираат соодветно и навремено (11,5 проценти).
Мрежата предводена од Women’s World Summit Foundation (WWSF), чија членка е и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, обединува над 930 владини и невладини институции/организации од повеќе од 135 земји кои секоја година го одбележуваат овој ден.
Од Првата детска амбасада соопштија дека Република Северна Македонија има активна Национална стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020-2025), според која под поимот насилство се подразбираат „сите видови на физичко или ментално насилство, повреди или злоупотреба, занемарување или немарен однос, малтретирања или експлоатација на дете, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба, во однос на доверба и грижа од страна на родителите, старателите или некое друго лице на кое законски му е доверена грижата за детето.
Подготвено од А.Ѓ.