nato invalidi

24.11.2022 Скопје

Здружението на инвалиди од НАТО мировни мисии на Република Северна Македонија денеска во Тетово на прес – конференција соопшти дека во Тетово има околу 2.000 цивилни инвалиди од НАТО мировни мисии, додека пак на државно ниво бројката изнесува околу 13.000, иако државната статистика признава околу 900 лица.

„Поради 30 годишна транзиција од еден систем на управување и промена од една во друга држава и континуирано губење на работни места во државите што произлегоа од поранешната СФРЈ, голем дел од нашите граѓани во изминативе 20 години беа составен дел од НАТО мисиите ширум светот, во воени зони. Составен дел од работата беше и повреда настаната на работните места во Ирак, Џибути, Авганистан…Дел од нашите членови се принудени да живеат со своите повреди повеќе од 10 години, невидливи за државата и нејзините институции и на раб на егзистенција“, истакна претседателката на здружението, Катерина Георгиевска.

Таа посочи дека државата не знае како да ги реши овие ситуации и како да помогне. Георгиевска истакна дека како решение за ваквиот проблем здружението има поднесено барање за формирање на анкетна комисија до Собранието на РСМ, но засега нема никаков одговор.

„Еден од најважните проблеми со кои се соочуваме е сериозната разлика помеѓу нашата статистика и државната статистика. Во нашето секојдневно работење увидовме дека станува збор за голема бројка, околу 13.000 цивилни инвалиди, имајќи предвид дека речиси секој втор од Куманово има учествувано во овие мисии, а голем дел од нив се имаат здобиено и со различни повреди, како психички така и физички. Меѓутоа, државната статистика, вели дека постојат околу 900, што значи ниту 1.000 инвалиди, бројка која е многукратно помала од она што ние го имаме увидено на терен“, изјави Георгиевска.

Георгиевска ги повика и медиумите активно да ги следат овие прашања, затоа како што кажа, само преку еден јавен, транспарентен пристап може да се издејствува пред сè законско препознавање на оваа категорија на лица, а потоа и решавање и унапредување на положбата.

Авторката на публикацијата „Што е ПТСД“, Гордана Нестора, на прес – конференција даде осврт за тоа што значи дијагнозата ПТСД и со какви предизвици и ризици се соочуваат цивилните инвалиди од НАТО мировните мисии и членовите на нивните семејства, како и за процесот за пружање на психо-социјална помош и поддршка и ресоцијалица.

„За жал секоја траума кај повратниците од НАТО мировните мисии значи ПТСД. Потребна е институционализација на овој проблем“, истакна Нестора.

Од здружението најавија активен ангажман насочен кон подигнување на јавната свест за постоењето на оваа категорија на граѓани но и на ПТСД како здравствена состојба која мачи сериозна бројка на граѓани.

На прес – конференцијата уште еднаш беше побаран закон кој ќе ги регулира овие прашања.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author