21.11.2022 Скопје
Одлуката која е донесена од страна на косовската влада, од 21 ноември да започне со изрекување на парични казни на граѓаните чии возила се со српски регистерски таблички во Косово, е одложена но само за 24 часа.
Во соопштение се наведува дека со одлуката за изрекување на опомени ќе се продолжи до 21 ноември односно и денеска, а од 22 ноември до 21 јануари 2023 година, за сите сопственици на возила кои се движат на територијата на Република Косово со вакви нелегални регистарски таблички, според официјалната одлука, косовската полиција ќе почне со спроведување на казнување со парични казни во согласност со законите.
Оваа одлука за одложување на казните за 24 часа во Приштина се оценува како давање на шанса за да се изнајде соодветно решение, бидејќи во текот на денешниот ден, премиерот на Косово Аљбин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе остварат средба во Брисел и единствена точка на овој состанок ќе биде да се изнајде решение за надминување на тензиите предизвикани од одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата.
Според евиденција во полицијата, се истакнува дека од 1 ноември до денес се изречени 1.740 опомени за сопствениците на возила со српски регистарски таблички на Косово.
Подготвено од М.Н.