19.11.2022 Скопје
На свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Тетово што се одржа вчера, прв пат по подоло време организаторите од Сојузот на борците од народноослободителната борба (НОБ) и граѓаните продолжувачи доделија признанија за нивниот придонес за градот.
ТВ21 пренесува дека признанија добија четворица граѓани за животно дело, а доделени беа уште шест такви одличја за особен придонес во одредена област.
-Едногласно составиме листа со добитници на ова признание. Разгледавме преку 30 имиња во неблагодарна улога да пофалиме, а никого да не заборавиме. Заклучокот е дека годинава ќе дадеме признание заслужено целосно на само дел од оние кои навистина се вградиле во нашиот град. Ова беше чест во секој еден од нас и верувам дека ќе прерасне во традиција затоа што сме заедницата кога ќе знаеме да ги почитуваме индивидуите кои што го прават колективот посилен, истакна на доделувањето на признанијата Даријан Сотировски, претседател на Одборот за доделување на признанието 19 ноември.
Признание 19 ноември за животно дело постхумно добија Томислав Стојановски-Бомбај во областа на општествениот развој како и Стојан Ѓорчески- за животно дело во областа на стопанството. Признанијата ги примија членовите на семејствата. Градско признание за животно дело во областа на архитектурата доби Владимир Николовски додека во областа на уметноста Александар Настески.
За хуман гест на годината признание доби Мартин Малетиќ, додека за посебни за посебни заслуги во крводарителството признание доби Рази Саловски. За негувањето на трајни вредности беше доделено признание на организацијата Вешта жена од Тетово, а за особен придонес во музиката признание се додели признание на музичката група Конкверинг Лајон. Градско признание 19 ноември за посебен придонес во борбата против Ковид-19 доби д-р Бобан Вучевски. За освоената титула државен фудбалски првак при оризнание 19 ноември доби и женскиот фудбалски клуб Љуботен.
За денот на ослободувањето на Тетово од фашистичкиот окупатор 19 ноември 1944 година пригодно обраќање имаше претседателот на општинската организација на Сојузот на борци од Тетово, Јоцко Димитриевски.
-Од средина на 1944 започнуваат главни операции на партизански одреди за ослободување на поголемите градови. Во ослободување на нашиот град активно учество зеде 15-тиот Корпус со 41-ва и 48 дивизија со вкупно осум бригади како и учество на граѓани и борци кои несебично се жртвуваа за слободата на нашиот град. Ослободувањето на Тетово значеше ослободување на цела Македонија. Градот беше ослободен благодарение на храброста и херојската борба на слободољубивот народ кој од желба за сопствена држава несебично се вклучи во антифашистичката борба за национална слобода. Во текот на борбите за Тетово ќе даде три партизански одреди и два народни херои Тодор Циповски Мерџан и Ѓоце Стојчевски Амбарче, истакна Димитриевски.
Свеченоста беше збогатена со музички-сценски изведни на музичари и актери со забавна и меморијална нота.
Подготвено од А.Ѓ.