https://www.facebook.com/photo/?fbid=520216626803226&set=pcb.520218053469750

24.11.2022 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, информираа за реализацијата на одлуката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија, основните и средни јавни училишта и претпријатијата од областа на водостопанството.

Според податоците од ЕСМ, за помалку од еден месец за субвенционирано снабдување со струја се пријавиле 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

Премиерот Ковачевски истакна дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека посветено ќе работат на изнаоѓање на решенија.

Пред неколку недели на седница на Владата, беа донесени неколку важни одлуки со кои се обезбеди евтина струја за неколку категории корисници за непречено функционирање на виталните институции и во услови на ваква голема енергетска криза.

Поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.

Со одлуката се опфатени и основните и средните училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, основните и средни јавни училишта им е овозможено да склучат договор за снабдување со „ЕСМ Продажба“, по цена од 95 евра по мегават/час.

Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ е обезбедена и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици. Ова се направи со цел да се обезбеди непречено функционирање на овие витални функции во локалните самоуправи и цената за оваа намена ќе е 95 евра по мегават/час.

Заклучно со вчера траеше рокот за пријавување за сите оние кои сакаат да почнат да ја користат оваа повластена цена од 1 декември. За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку „ЕСМ Продажба“ од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја.

Како што информира премиерот Ковачевски, од 474 јавни основни и средни училишта во државата, за субвенционирано снабдување се пријавиле 233, од сите градови. Од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици се пријавиле 50 субјекти. Додека пак, од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

Премиерот Ковачевски истакна дека субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author