rusija i eu

28.11.2022 Скопје

Чешкиот министер за правда соопшти дека денеска, земјите членки едногласно одлучија дека обидот да се заобиколат санкциите на ЕУ ќе биде дел од европските кривични дела предвидени во Повелбата на функционирањето на ЕУ.

Министерот Павел Блажек изјави дека за да бидат успешни санкциите против Русија, нивната имплементација е клучна.

Од Советот на ЕУ, каде е усвоена оваа одлука за санкциите, изјавија дека денешната одлука е суштинска алатка да се осигураат дека сите обиди да се заобиколат санкциите ќе бидат спречени.

Земјите членки на ЕУ имаат различни дефиниции за тоа што претставува заобиколување на санкциите и како тоа треба да биде казнето, поради што санкциите не се доволно ефикасно применети. Со вклучувањето на “прекршувањето на рестриктивните мерки” во кривичните дела на ЕУ се презема чекор во хармонизацијата на имплементацијата ширум ЕУ.

Европската комисија сега има задача да презентира предлог директива на оваа тема која ќе треба да биде потоа одобрена од Советот и Парламентот на ЕУ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author